Friday, December 2, 2011

Низа врвоинки

Се сретнуваат песимист и оптимист. Песимистот резигнирано, изнервирано, депримирано...

Во Жито Битола појдов по сугестија на татко ми, интегрален дел во фирмата некојси триестипет години. Летно време, сезона на откуп на нафта... пардон, на земјоделската култура наречена пченица. Работно место: ракувач на платформа за кипање на шлеперишта полни со пченица. Возбудливо. Се чувствував силен кога со помош на една рачка кревав двајсетонски шлеперишта (со рачката в гаќи којзнај дали пегла можам да кренам). Работа во две смени по осум сати на три платформи со по двајца вработени.
Платформа број три, јас и Миле.   
Миле генерациски беше колку мене, само шо хајскул завршил во друга сколија и од таму не се познававме. Син на тамошниот раководител на браварска работилница - Џигеро, а јас син на тамошниот раководител на механичарска работилница, Славе.
Бевме мрзи со препораки. 
Беше тоа година-две пред да пропадни фирмата. Па нормално, на Блискиот исток да не пратеа мене и Миле, ќе пропаднеше тероризмот... мала шала, си ја бркавме нашата работа.
Ден после нашиот старт се појаве и Мистер Дабевски - Дабо. Мажиште тристипетгодишно, кое фиктивно требаше да биди онаму каде што има потреба од неговата помош, а фактички тој спиеше во фасерајот, каде што беа наредени еден куп вреќи со брашно. Дабо си беше приказна за себе. На почеток ни беше нејасен, а покасно ни стана уште понејасен, ама беше забавен кога беше во близина. Не се буневме, нека спија...
Втора смена. Некаде околу осум сато пи ем. Дабо издава наредба:
- Курина, ај пато под вас и фаќајте магла, вие чупина треба да бркате, остајте ме мене, јас ќе ве заменам, стар орел јас, ко му хухнав на лаво в золошка, глата в ѕид си ја мана... а и онака жената ме брка од дома...
Поштено бе. Секоја чест. Ние го остајфме да спија, а тој не остае да скитаме по чупина.
Дабо јадеше ко вол. Во мензата на Жито Битола имаше многу вкусна храна. Тоа беше најубавиот дел од работата, одењето на јадење во мензата, за нијанса подобар од двата часа спиење на вреќите со брашно во фасерајот (Џигеро за то време не заменваше на кипер, ја наредивме... ) после јадењето. Дабо јадеше дупла доза, плус под мишка на излегвање си земаше полоња сомун леб, за да му се нај.
- Дапче, абе една копанка не ти стига јадење, многу јадиш, а те глем не си некоја дива градба, да не можи да те заобиколи чоек...чудна работа, како ти успева...
 - Љубе бате, не сум јас крив, рако шо ми е во стомако ми го јади јадењето, зато...
Реков јас дека Дабо си имаше моменти.
Со Милета изградивме една одлична соработка со камионџиите шо носеа жито во камионите шо ги кипавме:
- Мајсторе, ќе дајш една стотка за да напрајме гаргара со сокче, за прашината шо се налепила... Или да го кревам шлеперо докрај и да го јурдисам однопаку!?
- Не прам проблем за стотка бе, само молимте внимавај на камиончето, ако се преврти ќе ме вркни далако...
Одлична соработка беше тоа. Дневно така вадевме по некоја банка. Не многу. Колку да не е без ич. Имавме за цигари, за сок, за пиво, за пулитанчина, а имаше и на вечер за излегвање за некоја пијачка, а понекош останеше и на љубовницата да и се фрли пијачка. Скромно.
Прва пладнина. Од шо беше жешко, ептен жешко беше. Живата во термометаро потој... Седевме со Баличо под сенка и пијавме пиво. Баличо беше работник, од сталните. Немаше камионче за кипање, саде тракторчина. Работеше само еден кипер, нормално не на кој шо бевме јас и Миле. Миле спијаше... На првиот кипер работеа Попо и ДЕТЕТО ШО ЗАБОРАЈФ КАКО СЕ ВИКАШЕ, нагалено ДЕТЕТО. Попо го викав јас Поп, оти студираше на теологија и имаше брадиште, да го запалиш два дена да гори. А Детето немаше некои знаци за препознавање, освен шо одеше како шајки да има во патиките, во петиците. Попо на изглед беше за на плашилата да му ги плаши децата. Не комунициравме. Разбрав дека опак бил, лимон табиет. Седиме со Баличо и иди едно тракторче со пченица. Се паркира на кипер број еден. Кај Попо. После неколку секунди следи расправија. Земјоделецо, напатена душа, се расправа со Попо и обратно. Е довде ми дојде Попо. Го накренав пивото и притрчав да видам шо се дешава. Само шо појдов Попо насилнички ме турна. Е сеа ти гебав сите калуѓерки! -  си реков. 
Земјоделецо развикуваше, во право беше. Мој чоек бе, знаев дека ќе ме разбери па му се обратив:
- Мајсторе, дај бе немаш некоја хебла во тракторо, да му ја опнам на попов?!
Немаше хебла, ама имаше пристоен клуч за тркала одвртување. Боздоган. Е драги мои којзнае како изгледаше од старна кога се бркавме со Попо низ силосите, јас со клучо в раце...
Попо тој ден не ми се приближваше на сто метри.
И добро. Другата ден ете го полека кон мене, се ложи ко мачка на колбаси. Дое и ме праша:
- Ти бе верваш во Госпо?!
- Не бе, а ти?!
Се насмеа и ми пуште рака за да склучиме примирје.
Интересна личност беше. Ни тргна муабето. Ме праша:
- Абе ти филозоф си или философ?
- Не бе, на кипер работам, ти?
- Оти не верваш во Госпо?
- Немам причина.
И немав. И сеуште немам. Даскало шо ми беше по географија во седмо и осмо, Славе, во една прилика споделе многу интересна случка. Кога бил мал, детиште, во мода било децата да се причестуваат в црква, како шо е денес во мода децата да гледаат глупи серии и да киснат на фејсбук. Тој заедно со другите дечина пошол да се причести. Си застанале во редица и едно по едно поминвале кај попо, да се причестат. Попо им давал нешто со лајче и им давал да се напијаат... веројатно вино, уште од мали нозе ги заучвал попо да се пијанат...
добро де, заборајф шо му давал да се напијаат. Дошол на ред даскало, Славе, да џвакни од лајчето и да шлибни од пијачката. Абе ептен му се бендисало то во лајчето. Поминал на редо и застанал на врата да се мисли. Се мислел дали да се врати уште еднаш во редо, за да лапни уште едно лајче, ама... ама мајка му му кажвала дека Госпо гледа сѐ,  па малце шубе му паѓало. Ама дете ко дете. Ја избушајл тро косата и се бапнал пак во редо. Ај уше еднаш од лајчето и од пијачката... ни госпо го видел ни... ај вервај после!
Попо ми рече дека имал неколку причини да верва. Едната ја запамтив.
Патувал до некој манастир, ама по то планињето му се расипала колата. Во близина имало некој друг манастир (оре, саде манастири по планињето). Пошол во тој манастир. Таму имало некоја средовечна калуѓерка, шо го чувала манастирот.
- Вака, вака и вака е работата... колата ми се расипа, дали ќе можи вечерваа овде да останам, па утре со Госпо напре да појдам  до другио манастир...
- Како да не можи, ајде повели, одмори се - го поканила калуѓерката.
Си седнале да си поприкажат, нормално, калуѓеркава осамена. Муабет за муабет...
- По едно кафе да сварам синко, бива?
- Свари, свари, не е проблем.
Пошла да вари кафе и ете ја за брзо:
- А море синко, ами шеќер немало, се потрошил... за срамота... туф , туф...
- Ако ако, нема гајле, без шеќер ќе го испијаме, не се секирај.
Го шмркнале кафето, манале една штека малборо, опнале два кеца, шмркнале тро кокаин и ајт на спијање (ова за кафето дека го шмркнале излажав).
И добро. Другата ден, уште рано рано ете ти ја некоја жена лупа на порти. Ошла калуѓеркава да отвори.
- Добро утро! – срдечно поздравила жената.
- Добро утро.  –  кротко вратила калуѓерката.
- Абе сношти на сон ми се јаве (е тој светецо од манастиро, ама заборајф како се викаше, ама ај нека е Џон Дилингер од Пустарека, пример збораме) Џон Дилингер и ми рече шеќер да донесам...
 Низ смеење го прекинав:
- Попе, шо не помисле на дело од колата шо ти се расипа, можи жената и дел ќе ти дојсеше!
 За време на сезоната, баш како мене, како Миле, како Попо... имаше и Ѓупци. Сезонски работници кои си ја бркале работата во последните двајсе години. Алаф да им е. Ѓупците беа задолжени за шлеперите полни со вреќи, да ги истурат вреќите со пченица (значи јас и компанија бевме за шлеперите кои носеа пченица рефус). Со Ѓупците беше екстра забавно. Со Ѓупците е секогаш забавно. Ѓупците се супер. Моите најдобри другари ко бев војска ми беа Ѓупци.
Ѓупците од нашето Жито Битола. Себо, Орхан, Сабри, Султан... петнајстина души.
Себо беше како од  цртан избеган. Да го видиш и да почниш да се смејш, а ако зборни... Султан им беше главниот. Султан беше одговорен, добар, разбран...Султан тоа лето купе стан. Зеде еден куп пијачки и мезиња, за сите. Султан не беше султан. Султан беше ЦАР!
Султан само еднаш во конфликт влегол. Со Каур:
- И ви кажвам, од нигде никаде ми се задае, ќе ме тепа. Ама нервозен сум јас ногу. Го прицнав за вратче тро и оп Кауро нож ми извае. Е сега ќе ми те ебам! – си реков и набрзина ко сила ми дојде, го манав со колено и му падна ножо...
А Себо внимателно слушајќи се вмеша:
- И геба брат?!
Ај остани рамнодушен да те видам!
И сино на Султан работеше во Жито Битола. Работеше во фасерај, редеше вреќи со брашно. Често идеше. Со брашно од гла до петици. Воденичар. Себо го дупеше Султан:
- Муре ти будала да не си браааааат!? Ами не глеш колку е бел овај, сигурно не е од тебе праен!
Себо! Тешка флегма.
Себо многу караше, да не речам пцујаше. За сѐ и сешто и на секој.
Сабри му беше брат на Себо. Карактеристично за Сабри беше шо акцентирањето му беше исто ко на Каурите, па тоа ми беше доста интересно. Не се сеќаваше дека е Ѓуптин. Султан беше културен. Му се пожале на Сабри:
- Сабри, дај бе речи му на брат ти нека не ми кара. Ни му карам, ни сакам да ми кара некој!
Сабри се сврте кон Себо и го подуче:
- Себо, немој бе да му караш, глеш не е убоо, неќи да му караш. Султан си е домаќин чоек, немој...
- Муре шотуку ми јачиш да тибам жената и тебе да тибам!
Ѓупска работа...
Во Жито Битола имаше кроасанчиња. Криумчаревме. По нелегални патишта се снабдувавме. 
Дено по два кроасани јадев, или три. Во Жито Битола кроасаните најубај беа. Најубо чоколадо имаше во нив.
Во Жито Битола јадевме топло лепче. Тогаш печено. Со Ѓупците.
Во Жито Битола имаше леб за сите...

Посветено на сите оние чесни души кои поштено си го заработуваа лебо во оваа фирма која беше од огромно значење. Оние кои беа избркани на улица благодарение на деспотите кои завладејаа. Оние кои сеуште си го бараат правото кое веројатно никогаш нема да го добијаат. Оние кои се мрднаа од памето трудејќи се да направат нешто за да преживеат.

Капитализам – лав стори.

П.С. Се сретнуваат песимист и оптимист. Песимистот резигнирано, изнервирано, депримирано...
- Дали можи да биди полошо од ова?!
Оптимистот со широко ококорени очи и весела насмевка на лицето:
-Можи, можи!

2 comments:

  1. Ептен добра хроника си начкрапал брат.
    Ептен да ти падни криво.

    Ако не за индустријата од која луѓето вадеа леб, барем за ваквите случки кои ги социјализирале луѓето и ги опуштале.

    ReplyDelete